Во една мирна летна квечерина
дома во својата постела лежев
го чувствував денот како полека заминува
мистичната светлина ми го галеше лицето.
Нестварно заспав во прегратките на носталгијата
јавето одеднаш ми се претвори во сон
сон кој наликуваше на напукнато јаве
пробиено од силните звуци на секојдневието.
Чекорев во сон напред, како да се враќав назад
гледав напред како да се вртев назад
и така одеднаш се видов себеси
млад, насмеан и полн со надежи.
Се стрчав да се гушнам помладиот јас
а тој се тргна и погледна чудно
во погледот имаше презир, одбивање
никогаш не сум сакал луѓе како тебе, рече.
Се стаписав, наведнав глава
го погледнав и со солзи во очите му вратив
„Jас сум тоа што ќе бидеш, ти си тоа што бев
јас сум резултатот на твоите мисли и навики.“
Се разбудив од силината на вресоците на сегашноста
ми беше тешко, навистина ми тежеше на душата
дали го навредив младиот јас, дали го изневерив
дали јас сепак станав тоа што некогаш не сакав.